КАЛЕМАРСКИ ВОСОК
Подготвил: Марјанчо Дончев

Често пати поради неродност, заради воведување нова перспективна сорта или поради други причини се јавува потреба од прекалемување на овошките. Оваа постапка најчесто се изведува рано напролет пред или во почетокот на вегетацијата, главно во март-април кога има движење на соковите и лесно се одвојува кората. Постојат повеќе начини на калемење на овошките, а калемењето „под кора” е еден од најчесто применуваните. Начинот на калемење веќе е образложен повеќе пати, но овој пат ви препорачуваме и начин како да се заштитат калемените места на овошките.
Рецепт за ладен восок
За калемењето да биде успешно, треба да се употреби добар калемарски восок со кој се премачкуваат спојните места и сите пресеци при калемењето. За тоа се потребни:
700 грама калафониум,
100 грама пчелин восок,
75 грама говедски лој
125 мл шпиритус (90% алкохол).
Калафониумот, восокот и говедскиот лој се топат во сад на оган, со постојано мешање. Откако ќе се добие еднолична маса, се вади од огнот, се лади и постепено се додава шпиритусот со постојано мешање. Вака приготвениот восок, кој се чува во во затворен сад, може да се употребува најмалку 2-3 години. Доколку има опасност од птици за калемените дрвца, добро е да се стави и заштита за да не дојде до отчекнување на младите ластарки. Тоа се прави со врзување прачка во вид на лак над самите калемчиња на која би застанувале птиците.

Copyright © 2010. Designed by MediaMarketing